04.04.2023
Во рамките на воннаставните активности по предметот Граѓанско образование во нашето училиште се одржа ученичка дебата, на тема “Улогата на жената во современото општество”
На дебатата учествуваа ученици од 6то до 9то одделение, а присуствуваа и наставничките по граѓанско образование и македонски јазик, како и стручните соработници.
Во пријатна атмосфера, низ спонтан разговор, нашите ученици ни покажаа дека умеат правилно да дебатираат и да искажат почит и внимание кон мислењето на другите за темата и да се сослушуваат.
Слободно ги споделија своите гледишта и размисли кои се однесуваат на еднаквоста на правата помеѓу мажите и жените, семејното насилство, многустраната улога на жената во модерното општество – мајка, сопруга, домаќинка, работник, научник, спортист, уметник, инспирација.
Беше задоволство да се искуси вистинска аргументирана дебата меѓу децата, при што од нивните искажувања може да се види дека тие правилно созреваат и развиваат критичка мисла, дека градат свои ставови и принципи кои не се оптоварени со стереотипи и предрасуди кон местото и улогата на жената во граѓанското општество и дека усвојуваат добри вредности на личноста